Три генерации македонска мода  – пренесување на знаење

118

На иницијатива на сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, а во соработка со професори при Институтот за дизајн и инженеринг на облека при Технолошко – металуршкиот факултет при УКИМ, вчеравечер во Кабинетот на претседателот се одржа настанот Три генерации македонска мода – пренесување на знаење.

Ѓоргиевска истакна дека соработката со Технолошко – металуршкиот факултет започна со отворање на канцеларијата на претседателот МладиХаб во којашто беа изложени креации на млади студенти од овој факултет.

“Понатаму оваа поддршка продолжува и во тој контекст е и овој денешен настан Три генерации мода, да се вратиме на почетоците на дизајнот во Северна Македонија, она што се случувало во минатото, моменталната состојба, но ќе имаме можност да видиме и кои се перспективите на младите генерации“, истакна Ѓоргиевска.

За работата со студентите по дизајн во изминатите осум години на настанот говореше професорката и дизајнер Лидија Георгиева, додека професорката во пензија и костимограф Зорка Тодорова –Младеновиќ ја претстави својата книга Како да станам моден дизајнер и имаше своја презентација за модата во изминатите неколку децении.

Апсолвентите на Институтот за дизајн и инженеринг на облека при Технолошко – металуршкиот факултет, Љубица Беќарова и Катерина Димитровска на присутните гости им презентираа дел од своите креации во склоп на факултетот со коишто се претставија на модни настани и надвор од земјава, а го претставија и сè поактуелниот еколошки момент во дизајнот и грижата за животната средина преку своите креации од рециклиран материјал.

Целта на овој настан на којшто присуствуваа различни генерации на љубители и креатори на модата во нашата земја е да се промовираат младите дизајнери, да се даде поддршка на развивањето и унапредувањето на македонскиот дизајн, а преку него и заштита на културното наследство и воедно промоција на текстилната индустрија која има важен удел во развојот на економијата во земјава.