Три години после пожарот Нотр Дам полека „оживува“

84

Три години по разорниот пожар, сè уште се работи на реновирање на катедралата Нотр Дам во Париз, а целта е повторно да се отвори за Олимписките игри во 2024 година.

Пожарот во средновековниот симбол на Париз и Франција избувна на 15 април 2019 година. Пожарот целосно ги уништи покривот и кулата висока 93 метри на катедралата.

Во гаснењето на пожарот учествуваа повеќе од 500 пожарникари кои со големи напори успеаја да ја спасат северната камбанарија и главната зграда на катедралата. Катедралата примаше до 12 милиони посетители годишно.

Пандемијата ја забави обновата

Работите за обновување на зградата, како и прелиминарните подготовки за реставрација, започнаа во летото 2019 година. Потоа, работите беа прекинати во март 2020 година, поради пандемијата и повторно започнаа на 8 јуни истата година.

Катедралата Нотр Дам, изградена во 12 век, е позната ширум светот по својата големина, уникатност и значење за светската архитектура. Таа е позната и по класичното книжевно дело на Виктор Иго, Ѕвонарот на Богородичината црква во Париз“ .