Три компании заинтересирани за лиценци за топлинска енергија

53

Димитар Петров, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, вчера на брифинг изјави дека две компании поднеле барање за сите три лиценци, додека една компанија била заинтересирана само за лиценцата за дистрибуција на топлинска енергија.

Компании кои влегуваат во трката за лиценци за производство, снабдување и дистрибуција на топлинска енергија, се Балкан Енерџи Груп, фирма ќерка на ТЕ – ТО и Синтес груп, како и заедничка компанија на државните ЕЛЕМ и Мепсо, додека фирмата ќерка на Топлификација, Дистрибуција на топлина аплицирала само за лиценцата за дистрибуција.

Петров не ја исклучува можноста три различни компании да ги добијат трите лиценци, посочувајќи дека се ќе зависи од исполнувањето на условите.

За лиценцата за производство на топлинска енергија постојат најголеми услови со оглед на фактот дека таму се и најголемите трошоци.

Првиот човек на Регулаторна информираше дека за добивање лиценца потребно е компанијата да поседува доволно финансиски средства или гаранција, кои ќе гарантираат непречено снабдување со мазут и природен гас. Исто така потребно е да има и производствени капацитети, да има добар кадар и да биде способна да управува со енергетските капацитети.

Заклучно со крајот на годината се очекува Регулаторна да каже дали некоја компанија ги исполнува условите за добивање на лиценца.

Доколку ниту една компанија не ги исполнува условите, Топлификација, која претходно ги врати лиценците, ќе биде обврзана и во наредната година да ги снабдува граѓаните на Скопје со топлинска енергија.