Три работи што никој не ви ги кажува кога водите старт-ап

181

Ниедна работа не е лесна, особено ако се вложува многу труд и креативност и ниедно училиште нема да ви каже овие три работи кога започнувате бизнис.

Искуството е најдобар учител

Многу бизнис лекции во разни училишта и факултети се обидуваат да ги научат своите ученици како да бидат претприемачи. Сепак, колку и да се стручни професорите и содржината на нивните предавања, им недостига оној допир со реалноста што секој кој се обидел да започне бизнис го почувствувал. Неспорно е дека може да се научат многу работи во врска со менаџирање, анализи и препознавање на разни модели преку примери, но секогаш нешто ќе недостасува. Реалноста е што бизнис училиштата не ве подготвуваат за вистинските проблеми со коишто секој старт – ап се соочува. Факт е дека најраните фази се најтешки и не можете многу да сторите околу тоа. Искуството ќе си го направи своето – ќе ве подучи на најдобар можен начин. Да се научи некој како да биде претприемач пред самиот да го искуси тоа е речиси невозможно.

Желбата и волјата посилни од вештините

Прв чекор кон градењето на старт – ап е позитивен одговор на прашањето – Дали имате доволно желба и волја за да ја започнете претприемачката авантура? Идејата не е ништо ако не сте доволно сигурни во вашата мотивација и решеност истата да се оствари. Не е лесно да се биде лидер на компанија, без разлика на големината. Она што е важно се вашите визии и страста кон работата на системите и процесите што се само составен дел. Треба да бидете упорни, помалку и агресивни. Најголем дел од времето ќе го трошите на унапредување на вашите меки вештини, како трпение, менаџирање на промени, поврзување со луѓе и донесување на тешки одлуки. Лесно е да најмите некој да се грижи за финансиите, правните работи или маркетингот. Тешко е да најдете друг претприемач со иста желба во срцето.

Спознавање на себе си преку неуспех

Бизнис лекциите треба да ве научат како да успеете, односно како да се заштитите од неуспех. Но, неуспехот е составен ден од претприемништвото. Без разлика дали се работи за неуспех во тимот, одредени процеси на работењето или самата старт – ап идеја, клучно за претприемачот е да умее да се справи со истиот доколку се случи. Ако нешто не испадне според планот, не значи дека сте губитник. Многу луѓе имаат идеи, но сосем мал дел прераснуваат во успешни бизниси. Да се дознае што не функционира е исто толку вредно како и спознанието што функционира. Ако ви се случи неуспех, гледајте само да помине брзо и да не ја направите истата грешка два пати. Ниедна лекција не може да ве подготви за пропаднато партнерство или кризата од вртоглавиот раст. Училиштето може да ве научи само да дознаете што сакате да бидете. Кога ќе станете претприемач, ќе откриете кој/а сте.