Трофеј за најдобро црвено вино и дополнителни 14 медали за Тиквеш на саемот во Белград

7

Врвното црвено вино „Barovo Red 2019“ на винарската визба „Тиквеш“ го освои највисокото признание – Трофеј во категоријата црвени вина од автохтони сорти, на меѓународниот вински натпревар којшто, од први до четврти септември, се одржуваше во Белград, во рамки на саемот „Винска визија Отворен Балкан“.

Покрај највисокото признание на натпреварот, вината на „Тиквеш“ и „Tikveš Châteaux & Domainеs“ освоија уште 14 медали. Со златни медали беа наградени вината: „Domainе Lepovo Charodonnay 2020”, „Vranec Luda Mara 2019“ и „Alexandria Cuvee (rose) 2021“, а со платинест медал вината: „Barovo Red 2019“, „Barovo Red 2015“ и „Bela Voda Red 2015”. Добитници на сребрени медали се вината: ,,Bela Voda White 2021“, „Domaine Lepovo Chardonnay 2021“, „Bela Voda Red 2019“ и „Domaine Lepovo Grand Cuvee 2019“, додека бронзен медал добија вината: „Viognier Bela Voda White 2021“, „Sauvignon Blanc Barovo 2021“, „Grenache Blanc Bela Voda 2021“ и „Domaine Lepovo Pinot Noir 2019“.

Во рамки на претставувањето на висококвалитетните македонски вина, „Тиквеш“ беше и единствената винарница од нашата земја која на саемот организираше и специјална мастер клас работилница: „Сензација на поднебјето – Tikveš Chateaux & Domaines“ на која беа претставени автентичните карактеристики и врвниот квалитет на вината произведени во специфични поднебја и микролокации  кои им даваат посебен, впечатлив карактер на вината кои се дел од бренд-платформата „Tikveš Chateaux & Domaines“.

„Иако веќе навикнавме нашите вина да добиваат високи признанија, медали и трофеи на најпознатите светски вински натпревари, сепак освоениот трофеј и 14-те медали на првиот вински натпревар во рамки на ‘Винска визија Отворен Балкан’ за нас има посебно значење, затоа што ги издвојува нашите вина како посебни и со исклучителен квалитет помеѓу останатите вина кои се произведуваат во нашиот регион, кој станува се попрепознатлив и поконкурентен во светски рамки. Горди сме што овие високи награди одново ја потврдија позицијата на „Тиквеш“ и на нашите вина како лидери од овој регион во светски рамки“, изјави генералниот директор на ВВ „Тиквеш“, Радош Вукиќевиќ.

Инаку, креативно осмислениот штанд на „Тиквеш“ и „Tikveš Châteaux & Domainеs“ посебно се издвојуваше по својата впечатливост во однос на останатите над 350 излагачи на Белградскиот саем, од кои 160 беа од Србија, 47 од Македонија, 26 од Албанија, како и голем број производители на вино од Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Франција, Чиле, Аргентина, Италија, Романија, Молдавија, Јужна Африка и други земји.