Трпески: Парите треба да поскапат, а тоа е можно со раст на каматите

126

За поранешниот гувернер на Народната банка, професор Љубе Трпески, надолните корекции за економскиот раст и високата инфлација се логична последица на случувањата во Украина и цените на храната и енергенсите. Но проблемот кај нас е поизразен, вели тој во интервју за „Локално“, поради тоа што Македонија е увозно зависна земја и потешко ќе ги поднесе последиците во однос на земјите кои имаат свои извори на енергија.

За првпат во животот јас сум песимист од ова што не очекува, дефинитивен крах на меѓународниот поредок.За жал настанува нова студена војна со огромни последици по сите земји во светот“, објаснува Трпески.

Според него, логични се чекорите на НБРМ во делот на зголемување на основната каматна стапка. Во насока на намалување на притисокот од растот на цените и држење на инфлацијата под контрола вели Трпески, парите треба да поскапат, а тоа е можно со раст на каматите.

Тоа е сигнал за комерцијалните банки да ги ревидираат каматните стапки на кредитите што ги одобруваат. На тој начин ќе се намали побарувачката за кредити, а преку тоа ќе се намали притисокот на цените на производите“, дециден е Трпески.

Спротивно на негативниот став на дел од јавност во однос на огромните профити што банките ги остваруваат и во услови на кризи од ваков тип, Трпески посочува дека токму овој факт е исклучително позитивна работа.Тоа според него се должи на деловната политика на банките, кредити да даваат само на тие што се способни истите да ги вратат.

Тоа е таа конзервативна деловна политика во најпозитивна смисла на зборот, да не подлегнуваат на притисок како во  минатото, владата да се јави на директорот на банката и да рече “дајте кредити за да се смири штрајкот во некое претпријатие”…Сега ги нема тие работи, сега не можат политичките фактори да вршат таков притисок врз банките“, заклучува Трпески.