Царина доби висока оценка во извештајот на ЕК

28

Царинската управа на Република Северна Македонија (ЦУ) како дел од подготовките за влез во Европската Унија во континуитет воведува нови информатички системи поврзани со спроведување на царинските постапки. Целта е поедноставување и рационализирање на сите царински процеси и постапки преку имплементирање на електронска и бесхартиена околина во ЦУ и интегрирање со системите на ЕУ, стои во соопштението.

Доказ за успешно преземените активности за олеснување на царинските постапки е и признанието кое ЦУ го доби во овогодинешниот извештај на Европската комисија (ЕК) за напредок на РСМ во пристапувањето кон ЕУ.

Во Поглавјето 29, како што се наведува, Царинска Унија ја има највисоката оценка која е дадена во овој извештај со заклучок дека Царината има постигнато добар напредок во претходната година и одржува добро ниво на подготовка во делот на Царинската Унија.

Концептот дигитална царина е веќе реалност и е нотирано во самиот извештај на ЕК каде се констатира “Земјата заврши, примени и одржува нов електронски систем за обработка на царински декларации и акцизни документи (СОЦДАД)“.

Во извештајот се истакнува и дека е воспоставен едношалтерски систем за контрола на границата со Србија (One Stop Shop) кој резултира со поуспешни стапки на откривање на нелегални прекугранични активности, а со тоа се зголемува безбедноста. Со воспоставување на новиот начин на работа и заедничката гранична контрола на службите на двете земји, коридорот 10 стана поатрактивен и поефикасен за вршење извоз, увоз и транзит на стоки Ваков систем на заеднички контроли е во тек на воспоставување со Албанија каде што веќе започна со работа новоизградениот царински терминал.

Кон добрата оценка за поглавјето 29, придонесоа и високата усогласеност на царинското законодавство со законодавството на ЕУ; воведувањето на концептот на Овластен економски оператор (ОЕО), подобрената меѓу-институционална соработка, учеството во меѓународни операции за борба против недозволена трговија со дрога, фалсификувана стока и лекови, акцизна стока, оружје, експлозиви, опасен отпад и хемикалии, диви животни и растенија, културни добра и борба против трговија со луѓе, итн.