Царински тарифник, даночен календар и Фонд за поддршка на извозот со цел поголема конкуреност и попредвидлива деловна средина 

29

Царинскиот тарифник којшто ќе биде во насока на зголемување на конкурентноста на компаниите, даночниот календар којшто ќе овозможи поголема даночна предвидливост и Фондот за поддршка на извозни компании којшто ќе се воспостави преку Развојната банка, се само дел од мерките што се преземаат во консултација со коморите и коишто ќе ја подобрат ликвидноста на компаниите и ќе придонесат за забрзан раст на економијата, нагласи министерот за финансии, Фатмир Бесими на средбата со претседателот на Стопанската комора на Македонија (СКМ), Бранко Азески и со компании  членки на Комората, а на којашто учествуваше и вицепремиерот, Фатмир Битиќи.

Претседателот на СКМ, Азески, потенцира дека царинскиот тарифник, намалувањето на парафискалните давачки и воведувањето на холдингот, како нова форма на правно лице, се трите барања од страна на Стопанската комора на Македонија. Од СКМ особено беше поздравена новата мерка од петтиот сет-мерки за формирање Фонд за поддршка на извозни компании, а со којашто се поддржуваат и големите компании.

Со овој Фонд, којшто ќе се воспостави преку Развојната банка, ќе се поддржат извозно ориентирани средни и големи компании со кредити со поволни каматни стапки и под поволни услови.

“До крајот на март или најдоцна до првата половина од наредниот месец, согласно динамиката, треба да имаме првичен Нацрт-закон за царинска тарифа. Овде, ние одиме и со усогласување на обврските кон ЕУ, коишто се во делот на усогласување со номенклатурата и нумеричките показатели, но и со барањата на инвеститорите во однос на усогласување на царинските стапки“, информира министерот Бесими.

При усогласувањето на царинските стапки, Министерството за финансии, како што нагласи тој, повеќе ќе се води од аспект на зголемување на конкурентоста на компаниите, зголемување на растот на економијата и зголемување на вработеноста, отколку од аспект на фискалните приходи од царинските давачки.

Усогласувањето на царинските стапки со оние на ЕУ е обврска што треба да ја исполниме по влезот во Унијата. Сега, како што потенцира министерот, во соработка со коморите ќе се дизајнира најсоодветен пакет којшто ќе се однесува на царините, додека во однос на номенклатурата (системот на имиња на стоката, системот на нумеричко означување, единечните мерки, како и соодветните забелешки) ќе се усогласиме целосно.

Во однос на даночниот календар, истиот е споделен со коморите и по усогласувањето со нив ќе се објави на веб-страницата на Министерството за финансии.

Министерот информира дека е прифатено барањето на коморите за измени на Законот за данок на добивка, во делот на зголемување на износот за исплата на регрес за годишен одмор на вработените од 40 на 80 проценти. Воедно прифатливо е и барањето за измени во Законот за данок на додадена вредност, во делот којшто се однесува на доброволна регистрација за цели на ДДВ, истото да може да се реализира во текот на цела година.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи нагласи дека Владата продолжува со своето транспарентно работење и отворање на сите прашања.