Целта на ЕУ до 2030 година е нула ниво на загаденост на воздухот, водите и земјиштата

11
Sustainable living environmentalist hand holding green earth

Европскиот зелен план е развојна стратегија на ЕУ којашто има за цел да ја трансформира економијата на земјите членки во согласност со принципите на одржлив развој, како и да го обнови биодиверзитетот во земјите членки и секако да се намалат емисиите на стакленички гасови. Европскиот зелен план предлага активности во високите јавно-политички области, во рамките на реформите коишто ќе бидат извршени низ континуирана изградба на нови, прогресивни јавни политики, пред се еколошка енергија, одржлива индустрија, политика за домување, одржлива мобилност, биодиверзитет, елиминирање на загадувањето, климатска акција, одржливо земјоделство и стратегија „Од нива до маса” којашто се однесува на одржливото производство на храна.

“Декарбонизацијата на енергетските системи на ЕУ е клучна за постигнување на климатските цели, a тоа значи развој на полето на енергетската ефикасност но и секторот за обновливи извори на енергија преку интегриран меѓусебно поврзан и дигитализиран европски пазар. Државите членки до 2023-тата година ќе ги ажурираат своите национални енергетски и климатски планови како би ги исполниле новите климатски амбиции зацртани до 2030 година. Тоа секако носи низа промени како што се употреба на иновативни технологии и модерна инфраструктура, но и подобрување на прекуграничната и регионалната соработка со цел да се подобри споделувањето на чисти извори на енергија како и развивање на полн потенцијал на енергија на ветерот“, појаснуваат од Еко-свест.

Тие посочуваат дека за остварување на целите на ЕУ во областа на климата и зачувување на животната средина неопходна е нова индустриска политика втемелена на циркуларната економија. Всушност, од 1970-тата до 2017-тата година, годишната глобална употреба на ресурси е тројно зголемена и понатаму продолжува да расте. Повеќе од 90% од губитокот на биодиверзитетот и недостигот на вода се предизвикани со експлоатација на ресурсите. Индустријата придонесува со 20% емисиите на штетни гасови во ЕУ. Само 12% од материјалите коишто ги употребува индустријата во ЕУ доаѓаат од нивното рециклирање.

“Сите овие промени значат имплементација на нови системи во секоја сфера од животот така на пример изградбата, употребата и обновувањето на домовите побарува значителни вложувања во енергија и суровини, како што се песокот, чакалот и цементот. Енергетскиот удел за зградите во вкупно потрошената енергија изнесува 40%. Тоа значи дека пониските цени за чистите извори на енергија би требало да промовираат енергетски поефикасни згради во согласност со циркуларната економија но и поголема отпорност на зградите од климатските промени“, велат од Еко-свест.

Сообраќајот произведува една четвртина од емисиите на стаклена градина во ЕУ, а нивното учество и понатаму е во пораст. Зелениот план настојува да постигне намалување на овие емисии за 90% до 2050-тата година. Исто така обновувањето на шумите, земјиштата и мочуриштата и создавање на зелени површини во градовите се предуслов за ублажување на последиците од климатските промени.

“Според статистиките потребно е воспоставување на заштитни подрачја за најмалку од 30% од европското копно и 30% од европската морска површина како и обновување на нарушениот копнен и морски екосистем низ цела Европа, крајната цела на комисијата е со акциониот план за постигнување на нула ниво на загаденост на воздухот, водите и земјиштата“, велат од Еко-свест.

Сите држави членки на ЕУ располагаат со системот за советување на земјоделци кои придонесуваат за подобро разбирање и почитување на правилата коишто се однесуваат на животната средина, јавното здравје, како и здравјето и благосостојбата на животните. Земјоделството е многу важна за унијата, грижата за животната средина и економијата на ЕУ. Со тоа во заедничката земјоделска политики се комбинираат социјални, економски и еколошки пристапи на развој на одржливи системи на земјоделство во ЕУ. Особено се поддржуваат истражувањето и иновациите во земјоделството, шумарството и руралните области.

“Во 2020-тата година Комисијата ја претстави стратегијата „Од нива до маса” со што би се обезбедило Европјаните да добијат пристапна и одржлива храна, со цел да се делува против климатските промени, да се обезбеди заштита на животната средина, да се зачува биодиверзитетот и да се зголеми еколошкото земјоделство. Европската комисија ќе соработува со земјите членки за да се обезбеди чесна и праведна транзиција за сите оние коишто работат во областа на земјоделството и поморскиот сектор, да се нулира употребата на хемиски пестициди, ѓубривата и антибиотици, така што оваа стратегија треба да помогне во борбата против измамата кога е во прашање храната, а увезените прехранбени производи од земјите од трет свет мораат да бидат во согласност со еколошките стандарди на ЕУ“, заклучуваат од Еко-свест.

Еко-Свест го спроведува проектот GEAR – Green Economy for Advanced Region финансиран од Европската Унија во рамки на Програмата за поддршка на граѓанско општество и медиуми зa 2016-2017.