Цементарница Усје со програма за зголемување на вработувањето на младите

32

FOTO_USJE 2

Цементарница Усје ја започна Програмата за обука за поттикување на вработување и професионален развој на млади високообразовани лица, иницирана од Групацијата ТИТАН.

Во рамки на оваа Програма, Цементарница Усје, почнувајќи од овој месец, по пат на оглас, ангажираше млади инженери и студенти од завршните години од техничките факултети за обука и развој во областa безбедност и здравје при работа. Платената обука при работа ќе трае од шест месеци до една година. Во тој временски период, според програмата, младите инженери ќе имаат можност да ги збогатат своите знаења и да се здобијат со практични вештини што ќе им помогнат во нивното стручно усовршување со што полесно ќе можат да најдат трајно вработување. Сите практикатни ќе добијат потврда за обученост во соодветната област и ќе бидат земени предвид при идни вработувања.

“Една од стратешките определби на Цементарница Усје е поддршката на заедницата преку придонес во развојот на неколку значајни области. Една од нив секако е поддршката на младите талентирани луѓе и нивниот професионален развој. Горди сме што се вклучуваме во овој проект кој убеден сум дека придонесе за отворање на нови перспективи за младите, област во која сите ние треба континуирано да вложуваме“, изјави главниот извршен директор на Цементарница Усје, Борис Хрисафов.

Групацијата ТИТАН, од којашто е дел и Цементарница Усје, во ноември 2015-та година го потпиша Европскиот Пакт за млади (Pact for Youth), предложен од Европската Комисија, преку Европската бизнис мрежа за корпоративно општествена одговорност (CSR Europe). Целта на оваа иницијатива е натамошно јакнење на партнерството меѓу компаниите и образованието заради зголемување на можностите за вработување на младите талентирани луѓе.

„Ние веруваме во потребата за поинклузивна и одржлива Европа. За да го постигнеме тоа ние мораме да ја зајакнеме соработката меѓу јавниот и приватниот сектор во градењето на нови вештини и компетенции. Ние ќе го дадеме нашиот максимум во остварувањето на оваа цел“, изјави главниот извршен директор на Групацијата ТИТАН, Димитри Папалексопулос по повод  потпишувањето на Европскиот Пакт за млади.

Цементарница Усје има долга традиција во реализација на партнерски проекти и иницијативи наменети за поддршка на заедницата. Една од тие иницијативи од која придобивки имаат младите луѓе е проектот за практичната обука и стекнување вештини на ученици од техничките струки од средните училишта, што се спроведува веќе неколку години. Исто така, Усје веќе десет години по ред обезбедува стипендии за постдипломски студии за талентирани студенти, а во соработка со факултетите и студентските организации, редовно нуди можност за практична работа на голем број странски и домашни студенти.