Цементарница Усје вложи над 50.000 евра во реновирањето на ОУ Круме Кепески во Кисела Вода

56

FOTO 1_OU Krume Kepeski

Во рамки на долгогодишниот проект Партнерство со училиштата, Цементарница Усје донираше материјали и услуги за поставување нова фасада на државното основно училиште Круме Кепески во општина Кисела Вода. Вкупната вредност на вградените градежни материјали и ангажманот на работна сила за поставување на новата фасада надминува 3,1 милион денари.

Новата фасада, заедно со останатите активности  за реновирање на ова основно училиште, изградено во 1961 година, ќе придонесе за подобрување на енергетската ефикасност и условите во кои престојуваат децата и вработените во училиштето.

“Среќни сме и горди што како компанија, но и како луѓе кои живеат и работат во оваа општина, имавме можност да учествуваме во реновирањето на ова училиште и со тоа да придонесеме за креирање подобри услови за учениците. Ваквиот вид активности се дел од долгата компаниска традиција и трајните заложби на Цементарница Усје за поддршка на заедницата на којашто припаѓаме“, истакна главениот извршен директор на Цементарница Усје, Борис Хрисафов на свеченоста со која се одбележа завршувањето на реновирањето на ОУ Круме Кепески, во присуство на градоначалничката на Кисела Вода, Билјана Беличанец и постојаната претставничка на UNDP во земјава, Луиза Винтон.

Проектот Партнерство со училиштата во чии рамки се реализираше и оваа активност, започна во 2010-та година и со него досега се опфатени вкупно осум основни училишта, едно училиште за деца со посебни потреби и објектите на две градинки на територијата на општина Кисела Вода, каде се наоѓа и Цементарница Усје.

Проектот има за цел подобрување на условите во објектите каде престојуваат и учат децата. Посебен акцент е ставен на реализација на активности за подигнување на свесноста и нивото на безбедност и здравје во училишните средини, како и на еколошките услови во државните основни училишта и градинки.

Од почетокот на реализација на проектот досега Цементарница Усје инвестираше близу 200.000 евра во материјали и ангажман на работа сила, како и над 4.000 часа директен волонтерски ангажман на вработените и членовите на менаџментот на компанијата.

За постигнатите резултати во реализација на овој проект, Цементарница Усје го доби и признанието за најдобра општествено одговорна практика во категоријата Вложување во заедницата, коешто го доделува Националното координативно тело за општествена одговорност на Република Македонија.