Цената на гасот падна – благата зима спречи катаклизма

76

Цените на гасот во Европа паднаа на нивото пред војната во Украина, па аналитичарите со малку поголем оптимизам очекуваат дека енергетската криза може да се избегне оваа зима. Онаму каде што имаше недостиг, европските земји успеаја да го надополнат со купување гас што не доаѓа од Русија. Европа се подготвуваше за оваа зима како енергетска катаклизма поради пореметувањата предизвикани од војната во Украина, но благата зима ја намали потрошувачката на резерви, пишува Euronews.

Цените на гасот беа еден од главните двигатели на минатогодишното рекордно поскапување на сите стоки и услуги, а експертите сметаат дека дури на крајот на оваа година, односно следната зима ќе се соочиме со предизвици кога е во прашање снабдувањето со енергија.

Големопродажните цени на природниот гас во Европа паднаа на почетокот на годината на најниско ниво од избувнувањето на украинската криза, додека лани достигнаа рекордно ниво од над 340 евра за мегават час. Благата зима им овозможи на земјите да користат помалку гас од своите залихи, па цените значително паднаа и достигнаа 73 евра, односно се за 50 отсто помалку во споредба со пред еден месец и на најниско ниво од пред војната на 21 февруари.

Пред руската инвазија на Украина, околу 40 отсто од природниот гас во Европа доаѓаше од Русија. Инвазијата, сепак, ги поттикна западните влади да воведат санкции кон Москва, истовремено ветувајќи дека ќе најдат алтернативи за руските енергетски испораки. Без руски природен гас, ЕУ се сврте кон Норвешка, Катар, САД и други добавувачи. Патот до целосно откажување од рускиот гас сепак е сè уште долг, но комбинацијата на различни фактори ги принуди европските лидери да направат пауза барем оваа зима. За време на неодамнешното патување во Норвешка, германскиот министер за економија Роберт Хабек изјави дека е избегната опасност од целосен економски колапс.

Потрошувачите може да избегнат понатамошни екстремни скокови на цените, но сметките ќе останат повисоки од вообичаеното бидејќи цените на гасот остануваат многу повисоки од она што беа на почетокот на 2021 година.

Аналитичарите исто така ја разгледуваат побарувачката на енергија од Кина, каде потрошувачката на гориво опадна поради политиката на „нулта ковид“ која сериозно го ограничи движењето за да се спречи ширењето на ковид-19. Бидејќи Кина ги олеснува ограничувањата, побарувачката за товари со течен гас може да се зголеми подоцна оваа година, кога ќе стивне бранот ковид 19. Во тој случај Европа би се соочила со повисоки трошоци за набавка на гас, а најлоши би биле земјите од Азија и Африка кои немаат доволно пари за да се „конкурираат“.

Меѓународната агенција за енергетика ја предупреди Европа да не биде прекумерно самоуверена, велејќи дека сценариото во кое Русија ги прекине преостанатите испораки и закрепнувањето на кинеската побарувачка може да ја остави Европа без гас за следната зима. ИЕА повика на силен притисок врз обновливите извори на енергија.