Цената на кафето сè повисока: Утринската рутина наскоро ќе стане луксуз

113

Пиењето шолја кафе наутро за многумина е секојдневна рутина, но може да стане речиси луксуз поради годишната инфлација која е во пораст од ланскиот октомври, пишува европската статистичка агенција Еуростат.

Цената на кафето во август во Европската унија била во просек за 16,9 отсто повисока од претходната година, додека во август 2021 година била во просек 0,5 отсто повисока во споредба со истиот месец во 2020 година.

За оние кои пијат кафе со млеко и шеќер, овој утрински ритуал е уште поскап, бидејќи цените на овие производи уште повеќе се зголемија во текот на изминатата година.

Од август 2021 до август 2022 година свежото полномасно млеко поскапело во просек за 24,3 отсто, а млекото со малку маснотии поскапело за 22,2 отсто во истиот период.

Најмногу поскапе шеќерот, чија цена во август е во просек за 33,4 отсто повисока во однос на август 2021 година, додека поскапувањето во однос на претходната година изнесува 0,8 отсто.

Сите четири производи поскапеа во сите земји-членки на ЕУ, освен во Малта, каде само цената на млекото со малку маснотии не се промени.

Литванија и Естонија се меѓу првите пет земји каде што цената на три од четири производи најмногу се зголемила, а Унгарија, Литванија и Хрватска се меѓу земјите со најголем пораст на цената на млекото.

Најмногу поскапела цената на кафето во Финска, за 43,6 отсто, потоа Литванија (39,9 отсто), Шведска (36,7 отсто), Естонија (36,4 отсто) и Унгарија (34,3 отсто).

Највисока годишна инфлација на цената на шеќерот е забележана во Полска (109,2 отсто), потоа Естонија (81,2 отсто), Летонија (58,3 отсто), Бугарија (44,9 отсто) и Кипар (43,2 отсто).

Цената на полномасното млеко најмногу пораснала во Унгарија (51,7 отсто), Литванија (46,8 отсто), Хрватска (43,5 отсто), Чешка (43,3 отсто) и Летонија (40,1 отсто), додека млекото со малку маснотии во Литванија (50,2 отсто), Хрватска (41,2 проценти), Естонија (38,9 проценти), Германија (30,6 проценти) и Унгарија (30,1 проценти)