Цената на нафтата Брент падна под 80 долари

50

Цените на нафтата паднаа во четвртокот на меѓународните пазари, бидејќи натамошното зголемување на каматните стапки од страна на централните банки го забавува растот на економијата, поради што ќе се намали побарувачката за овој енергенс.

Според податоците објавени на веб-страницата OilPrice, пад е забележан и во утринското тргување. Цената на нафтата „брент“ моментално е 79,29 долари. Вредноста на нафтата од Тексас WTI е 74,19 долари.

Цените на американскиот и на лондонскиот пазар паднаа поради јакнењето на доларот, што може да ја ослаби побарувачката за нафта бидејќи ја прави поскапа за оние што користат други валути, пишува SEEbiz. Претседателот на американската централна банка, Џером Пауел, во средата изјави дека Федералните резерви (ФЕД) ќе ги зголеми уште повеќе каматните стапки следната година, иако на економијата и се заканува рецесија.

„Цените на нафтата се под притисок бидејќи насоките за монетарната политика на ФЕД ја оптоваруваат загриженоста за економскиот раст, го зајакна американскиот долар и ги притисна цените на суровините“, рече Тина Тенг од CMC Markets. Економските податоци од Кина за ноември беа „многу под очекувањата, што дополнително влијаеше на прогнозираната побарувачка“, додаде Тина Тенг.

Втората по големина економија во светот беше дополнително ослабена бидејќи податоците покажаа дека растот на фабричкото производство е забавен, а продажбата на мало продолжи да паѓа.