
Според податоците на веб-страницата OilPrice во саботата наутро, цената на нафтата од типот брент изнесува 92,16 долари за барел, додека нафтата од Тексас WTI, референтната за американскиот пазар, изнесува 88,08 долари, што укажува на благ пад во однос на претходните денови.
На меѓународните пазари, цените на нафтата се искачија над 93 долари во петокот, бидејќи трговците се загрижени за сигналите од Израел за неизбежна инвазија на блокираната палестинска енклава Газа, која би можела да го прошири конфликтот низ Блискиот Исток и да ги загрози резервите, пренесува Мина.
На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше за 88 центи повисока отколку на претходното затворање на тргувањето и изнесуваше 93,26 долари.
Во Њујорк барелот со испораки во ноември се тргуваше по повисока цена од 95 центи, од 90,32 долари, пренесува Хрпортфолио.
Цените остро осцилираа во четвртокот, бидејќи загриженоста за снабдување во врска со конфликтот меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас беше накратко задушена со најавата дека САД ќе ги олеснат санкциите кон Венецуела и ќе дозволат нејзината нафта да се врати на светските пазари.
Вашингтон издаде шестмесечна дозвола за трансакции со венецуелскиот енергетски сектор, откако владата во Каракас и опозицијата се договорија за избори следната година. Но, на Венецуела ќе и треба време да го зголеми производството, поради слабите инвестиции во овој сектор.











