Цената на нафтата околу 75 долари за барел

Според податоците на веб-страницата OilPrice, цената на нафтата брент е 75,04 долари за барел, додека нафтата од Тексас WTI, репер за американскиот пазар, е 70,95 долари.

Цената на нафтата се зголеми на 76 долари на меѓународните пазари во вторникот, откако Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) ја зголеми својата прогноза за овогодишната побарувачка, нагласувајќи го закрепнувањето на Кина по укинувањето на мерките за ограничување на Ковид-19.

На лондонскиот пазар цената на барелот во вторник по пладне беше за 46 центи повисока од претходното затворање на тргувањето и изнесуваше 75,69 долари. За речиси исто толку порасна и на американскиот пазар, каде со барел се тргуваше по цена од 71,56 долари, пренесува Мина.

Трговците беа охрабрени од ИЕА, која ја зголеми својата прогноза за овогодинешната глобална побарувачка на нафта за 200.000 барели дневно, на рекордни 102 милиони барели дневно.

„Закрепнувањето на Кина, по укинувањето на мерките за сузбивање на коронавирусот, ги надмина очекувањата и побарувачката достигна рекордни 16 милиони барели дневно во март“, соопшти ИЕА.