Цената на нафтата се искачи на 82 долари

62

Цените на нафтата денеска се искачија на меѓународните пазари, поттикнати од надежите дека централните банки ќе го искористат ублажувањето на инфлацијата за да ја поддржат нестабилната економија и загриженоста за испораките од Русија.

На лондонскиот пазар цената на барелот утрово се тргува 82,75 долари за барел, додека американската ВТИ, се тргува по цена од 77,48 долари за барел.

Цените силно флуктуираа денес, балансирајќи помеѓу загриженоста за глобалната економија и отворањето на Кина по три години строги мерки за Ковид-19. Во вторникот Светска банка ја намали проценката за растот на светската економија оваа година на само 1,7 отсто, предупредувајќи дека светот е во опасност од рецесија. Меѓу кочниците на економската активност таа го издвои зголемувањето на каматните стапки со цел да се заузда инфлацијата.

Високите трошоци за задолжување може да предизвикаат рецесија

Високите трошоци за задолжување може да предизвикаат рецесија, што би ја намалило побарувачката за гориво. Според Светска банка, американската економија би требало речиси да стагнира оваа година, притисната од значително повисоките трошоци за задолжување, а кинеската економија би требало да порасне многу послаб отколку што се очекуваше досега поради нарушувањето предизвикано од Ковид-19.

Затоа вниманието се сврте кон американскиот извештај за инфлацијата за декември, кој ќе биде објавен денеска. По пладне, преовладуваше ставот дека извештајот ќе покаже ублажување на инфлацијата, што би значело дека централната банка може да го намали темпото на зголемување на каматните стапки.

„Кина би можела силно да закрепне, особено со поддршка на монетарната и фискалната политика. Централните банки може да откријат дека имаат простор да ги намалат каматните стапки доколку инфлацијата значително опадне и економиите западнат во рецесија“, објаснува Крег Ерлам од OANDA.

Трговците се загрижени за снабдувањето од Русија

Послабата инфлација би значела и послаб долар, што би можело да ја зголеми побарувачката за нафта бидејќи ќе ја зајакне куповната моќ на купувачите со други валути. Трговците се загрижени и за испораките од Русија. „(На тоа треба да се додаде) руското производство (кое) би можело да се намали поради санкциите“, додаде Ерлам.

На почетокот на декември, Г7 ја ограничи цената на руската нафта на 60 долари, заканувајќи им се на осигурениците и превозниците со санкции доколку дадат услуги за поскапи барели. На почетокот на февруари тој планира да ги ограничи цените на руските нафтени деривати.

Од друга страна, Русија изјави дека нема да продава нафта на земји кои ја ограничуваат нејзината цена. Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) одделно објави дека барел од нафтената кошничка на нејзините членки во вторникот паднал за 50 центи на 77 долари.