Цената на златото е највисока во последните 6 месеци, се очекува рекорд во 2023 година

3776

Цената на златото во вторникот рано наутро достигна највисоко ниво во последните шест месеци, а аналитичарите сметаат дека растот мора да продолжи и во 2023 година.
Златото го достигна врвот малку под 1.850 долари пред да попушти на околу 1.838 долари за унца. Фјучерсите на американското злато се зголемија за 1 отсто на 1.844,30 долари.

Цените на златото се во пораст од почетокот на ноември, бидејќи турбуленциите на пазарот, растечките рецесиски очекувања и поголемото купување злато од централните банки ја поддржаа побарувачката.

– Генерално, очекуваме раст на цените во 2023 година поддржан од рецесија и ризици на берзата, со можен врв на стапките на централната банка во комбинација со изгледите за послаб долар и инфлацијата да не се врати на очекуваното ниво под 3 проценти до крајот на годината – изјави Оле Хансен, шеф на стоковната стратегија во Saxo Bank.

Дополнително, се чини дека ќе продолжи дедоларизацијата што неколку централни банки ја иницираа минатата година кога беше купена рекордна количина злато. Хансен посочи дека клучните настани за цените на златото би можеле да бидат извештајот од последниот состанок на Федералните резерви на САД во среда и извештајот за вработување во САД што се очекува во петок.

Голем дел од изгледите за глобалните пазари во 2023 година зависи од патот на монетарната политика, бидејќи централните банки ги намалуваат агресивните зголемувања на каматните стапки од минатата година во услови на забавување на економскиот раст и можните рецесии.

Ерик Странд, од ESG Gold Mining ETF, рече дека 2023 година ќе донесе нов историски максимум за златото, со цена над 2.100 долари за унца.

„Централните банки како група продолжија да додаваат се повеќе злато во своите резерви, со нов рекорд поставен за третиот квартал од 2022 година“, рече Странд.