
Остриот пад на цените на природниот гас и солидното ниво на исполнетост на скалдиштата ќе го намалат притисокот врз цените на гасот на светските пазари оваа година, објави денеска Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).
Цените на течниот природен гас на европскиот и азискиот спот пазар паднаа на крајот на првиот квартал од 2023 година под нивото на кое беа во летото 2021 година, иако сè уште се „многу над“ историскиот просек, објави агенцијата.
Според договорите за напредни испораки на гас на холандската берза за трансфер на капацитети, кои се репери во Европа, мегават час гас моментално се продава по цена под 40 евра, откако во август минатата година достигна рекордно високо ниво од приближно 343 евра.
Магацините, пак, оваа зима ја завршија со нивоа на залихи над петгодишниот просек бидејќи поради наглиот пад на цената на гасот беше намалена потребата од повлекување на овој извор на енергија од магацините, соопштуваат од агенцијата.
Во Европа потрошувачката на гас во грејната сезона 2022/23 е намалена за рекордни 16 отсто или 55 милијарди кубни метри. „Ова се очекува да ја намали побарувачката за вбризгување гас во текот на летото 2023 година “, се додава.
Во извештајот се наведува дека на ЕУ сега и треба само половина од количините на гас што беа наполнети во складиште минатото лето за да го достигне целното ниво на зафатеност од 90 проценти до почетокот на грејната сезона 2023/24.











