Цените на гасот паѓаат откако Норвешка ги обнови залихите

74

Големопродажните цени на гасот во Холандија и Велика Британија паднаа бидејќи обновувањето на норвешките залихи помогна да се олеснат грижите за руските испораки по одлуката на Газпром да го запре снабдувањето со гас за Италија.

На холандскиот пазар цената за ден однапред падна за 12,55 евра, на 150,95 евра за мегават час (MWh). Месечниот фјучерс договор падна за 9,45 евра, на 176,55 евра/MWh.

Во Велика Британија, цената за ден однапред падна за 2,50 пени, на 167,50 пени по терм (per therm), додека цената за декември падна за 38 пени, на 476 пени по терм. Therm е единица за топлинска енергија од приближно 100 кубни стапки природен гас при стандардна температура и притисок.

Резервациите на норвешки гас за Велика Британија, Германија, Холандија, Франција и Белгија се зголемија од 294 милиони кубни метри (mcm) на 341 mcm. Во саботата енергетската групација ENI, најголемиот увозник на руски гас во Италија, соопшти дека снабдувањето со руски гас преку влезната точка Тарвизио ќе биде на нула овој викенд, а Газпром ги обвинува регулаторните промени во Австрија за нарушувањето.

Се очекува состојбата да остане иста до вторник. „Силно закрепнување на норвешката понуда помогна да се намали загриженоста за руското снабдување“, велат аналитичарите на EnergyScan. Аналитичарите на инвестициската банка Jeffries рекоа дека одлуката за намалување на испораките на гас за Италија на нула го заострува билансот на гас во Европа за дополнителни четири милијарди кубни метри (bcm) оваа зима и околу осум милијарди кубни метри во 2023 година.

„Европа сè уште може да преживее нормална зима со оглед на високото ниво на резерви на гас и добрата достапност на LNG. Сепак, 2023 година изгледа сè попредизвикувачки“, се вели во извештајот. Меѓународната агенција за енергетика (IEA) соопшти дека се очекува глобалните пазари на гас да останат тесни следната година, бидејќи снабдувањето со руски гасовод се намалува и побарувачката за гас во Европа паѓа како одговор на мерките за заштеда на енергија и високите цени.