Цените на храната во 2022 година се зголемени за 14,3 отсто

79

Цените на храната во светот пораснаа за 14,3 отсто на годишно ниво во 2022 година, соопшти Организацијата на Обединетите нации за храна и земјоделство (ФАО), јавува Агенција Анадолија (АА).

Индексот на цените на храната според ФАО се зголемил за 18 поени во однос на претходната 2021 година, на 143,7 поени во 2022 година.

Индексот ги мери месечните промени во меѓународните цени на пет главни групи на прехранбени продукти – житарици, месо, млечни производи, растителни масла и шеќер.

Индексот на цените на млечните производи според ФАО се зголемил на 19,6 отсто, што го регистрира највисокиот годишен просек од 1990 година со 142,5 поени.

Индексот на цените на житариците се зголемил 17,9 отсто од 2021 година на рекордно високо ниво во 2022 година со 154,7 поени, предводен од значителни нарушувања на пазарот, зголемена несигурност, повисоки трошоци за енергија и влезни трошоци, неповолни временски услови кај неколку клучни добавувачи и континуирана силна глобална побарувачка за храна.

Индексот на цените на растително масло минатата година достигна рекордно високо ниво од 187,8 поени, што е пораст од 13,9 отсто во однос на претходната година.

Индексот на цените на месото, исто така се зголеми 10,4 отсто од 2021 година на 118,9 поени во 2022 година, што е највисок годишен просек од 1990 година.

Индексот на цените на шеќерот според ФАО се зголемил за 4,7 отсто на годишно ниво, на 114,5 поени, што е највисок годишен просек од 2012 година.