Цените на индустриските производи во ЕУ паднаа за 2,9 отсто

Цените на производителите на индустриски производи на пазарот на Европската унија паднаа во април годинава за 2,9 отсто во однос на март, покажуваат податоците на Канцеларијата за статистика на ЕУ (Евростат).

Намалувањето уследи по падот на цените на индустриските производи во неколку наврати од есента 2022 година. Севкупно, цените се намалени за 9,4 отсто од септември минатата година. Овие намалувања само делумно го неутрализираа огромниот раст што се случи од почетокот на 2021 година до септември 2022 година.

Овие флуктуации на цените на индустриските производи главно се резултат на значајните флуктуации на цените на енергијата, нагласува Еуростат. Имено, од јануари 2021 година до септември 2022 година, кога растот на цените го достигна својот врв, цените на производителите во ЕУ се зголемија за 59,1 отсто, или во просек за околу два отсто месечно.

Во истиот период цените на енергенсите за производителите пораснале во просек по пет отсто месечно, што донело вкупен раст од 163 отсто. Од септември 2022 година, цените на енергијата паднаа за 26,7 отсто, или околу четири отсто месечно.

Цените за екстракција на сурова нафта и природен гас варираат особено, во просек околу девет проценти месечно од јануари 2021 до септември 2022 година, додека од септември минатата до април годинава се во пад од девет проценти.

Значително се променија и цените на производството на струја, гас, пареа и климатизација, кои се зголемуваа во просек за шест проценти месечно од јануари 2021 до септември 2022 година, додека паднаа за пет проценти месечно од септември 2022 до април 2023 година.

Фото: Freepik