Цените на кафето ќе продолжат да растат

28

Цените на кафето за крајните потрошувачи ќе продолжат да растат бидејќи климатските промени, нарушувањата во снабдувањето и новите регулативи на ЕУ доведуваат до зголемени трошоци за печењето, изјави денеска претседателот на одборот на директори на италијанската компанија „Лаваца“, Џузепе Лаваца.

„Цените на кафето нема да паднат, ќе останат многу високи. Синџирот на снабдување со кафе е под сериозен притисок“, изјави тој за „Фајненшл Тајмс“.

Цената на кафето на полиците на британските супермаркети е зголемена за околу 15 отсто од 2023 година.

Компаниите за пржење на кафе беа принудени да ги зголемат цените и да ги намалат маржите бидејќи се зголемуваат трошоците за суровините, рече Лаваца, припишувајќи го падот на недостигот на снабдување како резултат на климатските промени.

Цената на фјучерсите за сортата „Арабика“ надмина 2,4 долари по фунта (0,45 кг) и се приближи до двегодишниот максимум од 2,5 долари за фунта забележан во април, објави „Трејдинг економикс“.

Тоа, меѓу другото, е последица и на намалувањето на залихите од Виетнам поради неповолните временски услови.

Во првата половина од годината извозот на кафе од Виетнам е намален за 10,6 отсто во однос на истиот период лани – на 902.000 тони, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Глобалните цени на кафето значително пораснаа во вториот квартал поради екстремните горештини во клучните региони во Азија. Фјучерс квотите за сортата „робуста“ во Лондон до крајот на јуни се зголемени за 18,1 отсто во однос на крајот на март, а фјучерсите за „Арабика“ – за 20,6 отсто.