Цените на нафтата достигнаа највисоки нивоа во последните пет месеци

13

Цените на нафтата скокнаа за повеќе од 4 отсто минатата недела, достигнувајќи ги највисоките нивоа во последните пет месеци, најмногу поради зголемените тензии на Блискиот Исток.
На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела скокна за 4,2 отсто, на 91,17 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 4,5 отсто, на 86,91 долар.

Скокот на цената на нафтата на највисоките нивоа во последните пет месеци е најмногу последица на зголемените тензии на Блискиот Исток.

Иран соопшти дека ќе одговори на воздушниот напад на Израел врз иранскиот конзулат во Дамаск, главниот град на Сирија, во кој загинаа неколку високи воени функционери.

Израел не ја презеде одговорноста за нападот на конзулатот, но привремено затвори 28 амбасади ширум светот од безбедносни причини.

„Пазарот знае дека Иран веројатно ќе одговори, но не ги знае деталите и тоа создава голема непријатност и нервоза“, рече Бјарне Шилдроп од СЕБ.

Трговците се загрижени и за нападите на украинските беспилотни летала врз рафинериите во Русија, кои, како што пресмета Ројтерс, можеби блокирале околу 15 отсто од рускиот капацитет за преработка на нафта.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и сојузниците на картелот, вклучително и Русија, на минатонеделниот состанок ја потврдија одлуката за ограничување на производството, барајќи од поединечните земји строго да се придржуваат до доделените квоти.

„Построго следење на усогласеноста со квотите треба да резултира со дополнителни намалувања на производството во вториот квартал“, напишаа аналитичарите на ANZ во белешката до клиентите.

Проценките за послаба понуда се совпаднаа со знаците за забрзување на економскиот раст во САД, што може дополнително да ја зајакне побарувачката.