Цените на нафтата доведуваат до пораст на инфлацијата

103

Зголемените цени на суровата нафта доведуваат до зголемување на инфлацијата, а блокадата поради коронавирусот во Кина ги влошува прекините во снабдувањето, изјави претседателот на Федералните резерви на САД, Џером Пауел.

„Притисокот на цените се прошири на поширок опсег на стоки и услуги. Зголемувањето на цените на суровата нафта и другите стоки кои произлегуваат од руската инвазија на Украина вршат дополнителен притисок врз инфлацијата“, рече Пауел по одлуката на централната банка да ги зголеми каматните стапки.

Пауел додаде дека затворањето поврзано со КОВИД-19 во Кина веројатно дополнително ќе ги влоши прекините на синџирот на снабдување, пишува Анадолија.

ФЕД ја зголеми референтната каматна стапка за 50 базични поени или 0,5 отсто.

Со агресивниот потег на Централната банка, најголемото зголемување на стапката од 2000 година, референтната стапка беше доведена во опсег од 0,75 до еден отсто, од претходното ниво од 0,25 до 0,5 отсто, се со цел да се спречи рекордно високата инфлација.

„Инфлацијата е превисока и ги разбираме тешкотиите што ги предизвикува. Брзо реагираме за да ја вратиме. Ги имаме и алатките што ни се потребни и решителноста што ќе биде потребна за да се врати стабилноста на цените“, рече тој.

Пауел рече дека американската економија се проширила со силна стапка од 5,5 отсто минатата година, но дека вкупната економска активност паднала во првиот квартал.

Тој истакна дека Индексот на цените на личните расходи (PCE), претпочитаниот показател за инфлација на ФЕД, скокнал за 6,6 отсто во март на годишна основа.