Цените на нафтата драстично паднаа минатата недела

31

На светските пазари, цените на нафтата драстично паднаа минатата недела, бидејќи каматните стапки во САД може дополнително да се зголемат, што би го забавило растот на американската економија и ќе ја ослаби побарувачката за „црното злато“.

На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела потона за 11,2 отсто, на 84,58 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 9 отсто, на 82,79 долари.

Растот на сите светски економии забавува, а се очекува дополнително забавување
По растот за повеќе од 25 отсто во третиот квартал, во првата недела од октомври цените на нафтата го забележаа најголемиот неделен пад од март. Ова е последица на загриженоста на трговците за побарувачката, имајќи предвид дека растот на речиси сите најголеми светски економии забавува.

И се очекува дополнително забавување. Имено, најголемиот дел од шефовите на американската централна банка во јавните изјави велат дека до крајот на годината е можно уште едно зголемување на каматните стапки и дека цената на парите ќе остане на покачени нивоа подолго од првично очекуваното бидејќи инфлацијата, иако попушта, сè уште е значително над целното ниво на ФЕД од 2 проценти.

Побарувачката за нафта би ослабела со забавување на економијата
А со забавувањето на економијата, побарувачката за нафта би ослабнала. Во САД побарувачката веќе слабее. Имено, официјалните податоци покажаа дека понудата на бензин, показател за побарувачката, падна минатата недела на најниско ниво од почетокот на годината, додека залихите на бензин се зголемија за 6,5 милиони барели.

Ситуацијата не е подобра во економијата на еврозоната, додека кинеската економија, најголемиот увозник на нафта во светот, не закрепнува толку брзо како што се надеваа трговците.