Цените на нафтата драстично паднаа во првата недела од новата година

65

На светските берзи цените на нафтата нагло паднаа во првата недела од новата година бидејќи трговците стравуваат дека побарувачката за „црното злато“ ќе ослаби поради забавувањето на растот на најголемите светски економии.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела потона за 8,5 отсто, на 78,57 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 8,1 отсто, на 73,77 долари.

Утрово барел брент се тргува по цена од 80,36 долари, а американската нафта за 75,55 долари за барел.

По растот за околу 13 отсто во претходните три недели, цените на нафтата изгубија добар дел од тие добивки минатата недела. Ова е резултат на загриженоста за побарувачката, особено од Кина, најголемиот увозник на „црното злато“ во светот.

Трговците се загрижени за ситуацијата со корона во Кина
Откако три години водеа политика на „нулта толеранција“ за Ковид, кинеските власти брзо ги олабавуваат рестриктивните мерки, што треба да го забрза растот на втората по големина светска економија. Сепак, следните месеци ќе бидат многу неизвесни бидејќи вирусот брзо се шири, па многу болници и гробишта известуваат дека се под притисок поради големиот број заразени и починати од Ковид.

Сето ова би можело да ја ослаби побарувачката, на што укажува одлуката на Пекинг да ги зголеми квотите за извоз на деривати.

Трговците ги загрижи и предупредувањето на директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, дека годинава ќе биде потешка од минатата поради истовременото забавување на економиите во САД, Кина и Европа и дека земјите кои сочинуваат околу една третина од светската економија би можеле да паднат во рецесија.