Цените на нафтата на меѓународните пазари растат

58

Цените на нафтата се искачија на меѓународните пазари до 81 долар во вторникот, поттикнати од очекувањата за закрепнување на побарувачката во Кина и загриженоста за понудата поради затворањето на извозниот терминал во Турција по разорниот земјотрес.

Во утринското тргување цената на нафтата „брент“ е 84,82 долари, додека вредноста на барел нафта од Тексас WTI е 78,39 долари, покажуваат најновите податоци објавени на веб-страницата OilPrice.com.

Трговците сè уште внимателно ја следат ситуацијата во Кина по укинувањето на строгите мерки за борба против корона вирусот. Економијата треба да забрза, што ќе биде силен поттик за побарувачката на нафта, оценуваат аналитичарите, пишува агенцијата Мина.

„Цената на барелот е поддржана од очекувањата дека отворањето на кинеската економија, по завршувањето на политиката на нулта толеранција кон короната, ќе стимулира значително зголемување на побарувачката за нафта оваа година“, рече Рикардо Евангелиста  од компанијата ActivTrades.

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) очекува Кина да биде „одговорна“ за половина од растот на глобалната побарувачка оваа година, рече нејзиниот шеф Фатих Бирол, издвојувајќи го скокот на побарувачката за авионско гориво.

Саудиска Арабија, најголемиот светски извозник, ги зголеми цените на нафтата за азиските купувачи за прв пат по шест месеци поради очекуваното закрепнување на побарувачката, особено во Кина.

Пазарите во исто време нервозно ги следат последиците од страшниот земјотрес во Турција и Сирија, во кој според моментално достапните податоци загинаа над 5.000 луѓе, а се стравува дека бројот на жртвите може да биде многу поголем .