
Цените на нафтата се задржаа близу до 79 долари на меѓународните пазари во петокот, балансирајќи ја загриженоста за побарувачката во услови на нестабилна светска економија и намаленото производство во Соединетите Американски Држави (САД) поради студениот бран.
На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше речиси непроменета во однос на претходното затворање на трговијата и изнесуваше 78,95 долари, пренесува Мина. Позначителни ценовни промени немаше ниту на американскиот пазар каде барелот се тргуваше по 73,9 долари.
Поддршка на цените беа проценките на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) и Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) за солиден раст на побарувачката оваа и следната година и намаленото производство во САД поради ниските температури.
Во Северна Дакота, околу 40 отсто од производството е затворено, а снабдувањето од Либија сè уште не е целосно обновено.
Во петокот, аналитичарите забележаа дека ИЕА проценува дека растот на побарувачката е половина послаб од ОПЕК. Ја издвоија и оценката на агенцијата дека пазарот годинава треба да биде релативно добро снабден, доколку нема значителни нарушувања.
„Прогнозата за растот на глобалната побарувачка на нафта се уште е нејасна, а учесниците на пазарот и истражувачките институции значително се разликуваат во нивните проценки“, рече Бјарне Шилдроп од СЕБ.
Трговците, исто така, внимателно го следат разгорувањето на тензиите на Блискиот Исток.











