Цените на нафтата останаа близу 79 долари

Цените на нафтата се задржаа на меѓународните пазари блиску до нивото од 79 долари, поддржани од остриот пад на залихите во САД и прекинот на извозот од Ирачки Курдистан, што ги засени само малку намалените испораки од Русија.
На лондонскиот пазар цената на барелот  утрово  изнесува 79,03 долари. На американскиот пазар барелот се тргуваше за 74,20 долари.

Трговците вчера се фокусираа на извештајот на американската влада кој покажа дека залихите на нафта паднале за дури 7,5 милиони барели минатата недела, на најниско ниво во последните две години, што сигнализира силна побарувачка. Аналитичарите очекуваа дека податоците ќе покажат благ пораст на залихите.

Цените оваа недела се поддржани и со прекинот на извозот од Ирачки Курдистан. Производителите го затворија или го намалија производството на неколку нафтени полиња поради затворањето на гасоводот до турското пристаниште Џејхан, а најавите на компанијата сигнализираат дека на пазарот ќе излезат уште помалку барели.

Извозот на околу 450.000 барели дневно од Ирачки Курдистан преку Турција беше прекинат минатиот викенд откако Ирак го потврди своето право на дозвола за извоз во арбитражен спор. Но, поддршката за цените поради заплетканоста на извозот може брзо да еродира, коментираат аналитичарите на Citi.