Цените на нафтата паднаа четврта недела по ред

60

На светските берзи цените на нафтата паднаа и минатата недела, четврти пат по ред, бидејќи трговците стравуваат дека побарувачката за „црното злато“ ќе ослаби поради забавувањето на растот на најголемите светски економии.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 1,5 отсто, на 74,17 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 1,8 отсто, на 70,04 долари.

Утрово нафтата Брент се тргува по цена од 73,96 долари за барел, а американската ВТИ  за 69,87 долари за барел.

Падот на цените четврта недела по ред е последица на стравувањата на трговците од слабеење на побарувачката, со оглед на забавувањето на растот на најголемите светски економии.

Серија неодамнешни податоци покажуваат дека закрепнувањето на кинеската економија, најголемиот увозник на нафта во светот, не е толку брзо како што се очекуваше по укинувањето на рестриктивните мерки за коронавирусот.

Од друга страна, растот на американската економија, најголемиот светски потрошувач на нафта, веќе подолго време забавува бидејќи тамошната централна банка веќе една година ги зголемува каматните стапки за да ја потисне инфлацијата.

Можно е дополнително зголемување на каматните стапки, што дополнително би ги забавило активностите во економијата. Така, во петокот, гувернерката на ФЕД, Мишел Бауман, рече дека централната банка можеби ќе треба уште еднаш да ги зголеми каматните стапки доколку инфлацијата остане покачена.