Цените на нафтата паднаа минатата недела и покрај кризата во Црвеното Море

На светските пазари цените на нафтата благо паднаа минатата недела, по значителните флуктуации поради ескалацијата на кризата во Црвеното Море, но и поради неочекуваното намалување на цените во Саудиска Арабија.

На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела се лизна за 0,5 отсто, на 78,29 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 1,1 отсто, на 72,68 долари.

Саудиска Арабија ги намали цените
На почетокот на минатата недела, цените значително паднаа бидејќи Саудиска Арабија ги изненади пазарите со спуштање на цените за азиските купувачи на најниско ниво за нешто повеќе од две години.

Аналитичарите шпекулираат дека Ријад се обидува да го зачува уделот на пазарот по спорот со групата на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) околу намалените производствени квоти.

Ангола се повлече од ОПЕК на крајот на минатата година и го зголеми производството, заедно со Нигерија и Ирак, според истражувањето на Ројтерс.

Во првите три месеци од 2024 година, Саудиска Арабија и Русија одлучија да ја намалат понудата за дополнителни 700.000 барели дневно со цел да ја прилагодат на намалената побарувачка поради забавувањето на економскиот раст и со тоа да ги стабилизираат цените.

„Доколку се фокусираме само на основните, вклучувајќи повисоки залихи, поголемо производство од производителите на ОПЕК и не-ОПЕК и пониска од очекуваната продажна цена во Саудиска Арабија, ќе заклучиме дека цените можат само да паднат“, вели Тони Сајкамор од ИГ.

Сепак, цените се поддржани од геополитичките тензии на Блискиот Исток.