Цените на нафтата паднаа на светските берзи, за прв пат по осум недели, и се лизнаа од највисоките нивоа во повеќе од седум години.
Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за околу еден процент на 93,54 долари, додека на американскиот барел падна за 2,2 отсто на 91,07 долари.
Минатиот понеделник цените на црното злато достигнаа нови највисоки нивоа од крајот на 2014 година, но во текот на неделата попуштија и го забележаа првиот пад во последните девет недели, пренесува SEEbiz.
Инвеститорите се фокусираа на украинската криза и преговорите меѓу Соединетите Држави и Иран за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година, бидејќи договорот би можел да вклучи постепено укинување на санкциите за извозот на иранска нафта, што ќе го ублажи проблемот со недоволното снабдување на светскиот пазар.
Надежите дека иранските барели би можеле да се вратат на пазарот во поголем број ги засениле тензиите околу Украина и заканите од Западот кон Русија со санкции доколку таа нападне соседна земја.
Некои аналитичари сметаат дека поради зајакнувањето на побарувачката, и недоволната понуда, цената на барелот наскоро би можела да достигне ниво од 100 долари.











