
На глобалните пазари, цените на нафтата паднаа за околу 2 отсто минатата недела, бидејќи трговците се скептични за намалувањето на производството на ОПЕК и поради слабоста на економиите, можен е дополнителен пад на побарувачката.
На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела падна за 2,1 отсто, на 78,88 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 1,9 отсто, на 74,07 долари.
Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници одлучија да го намалат производството во првиот квартал од следната година за приближно 700.000 барели дневно.
ОПЕК+ произведува повеќе од 40 отсто од светската нафта и веќе подолго време го намалува производството за да ги поддржи цените кои поради слабеењето на економиите а со тоа и побарувачката на нафта паднаа од речиси 100 на 80 долари за барел.
Првично оваа одлука на ОПЕК го поддржа поскапувањето на нафтата, но набрзо тие паднаа бидејќи трговците се скептични, со оглед дека производителите доброволно ќе го намалат производството и нема да има контроли.
Аналитичарите, пак, очекуваа дека намалувањето на производството ќе биде поголемо и дека ќе инсистираат на почитување на договорените квоти.
Одлуката „нема да ја смири конфузијата на нафтениот пазар, на кој ќе му требаат недели и месеци да дознае како стојат работите, а под услов извештаите што самите производители ќе ги состават да бидат навистина веродостојни“, објаснува аналитичарот на PVM, Џон Еванс.











