
Цените на нафтата благо пораснаа минатата недела, по седум недели пад
На светските берзи цените на нафтата благо пораснаа минатата недела, по седум недели пад, а значително флуктуираа во текот на неделата, во зависност од вестите за понудата и побарувачката.
На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела порасна за 0,9 отсто, на 76,55 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 0,3 отсто, на 71,43 долари.
Првиот раст на цените по седум недели пад е благодарение на надежта на трговците дека побарувачката за нафта ќе се зголеми следната година, имајќи предвид дека циклусот на покачување на каматните стапки во западните земји се чини дека е завршен.
На последната седница од годината, челниците на американската централна банка ги оставија каматните стапки непроменети, со оглед на тоа што инфлациските притисоци во САД постепено се намалуваат и оценија дека во наредната година каматните стапки ќе бидат намалени и тоа во три наврати.
Ова најверојатно значи дека, и покрај наглото зголемување на каматните стапки за повеќе од една и пол година, најголемата светска економија ќе ја избегне рецесијата. А тоа, пак, значи стабилизирање на побарувачката на нафта.
Најавата на ФЕД за намалување на каматните стапки предизвика пад на доларот во однос на кошничката валути на најниско ниво во последните четири месеци, што исто така ги поддржа цените на нафтата, бидејќи послабиот долар ја прави нафтата поевтина за купувачите во други валути.
Поради пониската цена и можното зајакнување на побарувачката во САД, светската потрошувачка на нафта ќе се зголеми во 2024 година за 1,1 милион барели дневно, околу 130 илјади повеќе од претходно очекуваното, проценува Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).











