Цените на нафтата паѓаат трета недела по ред

99

На светските берзи цените на нафтата паднаа и минатата недела, трет пат по ред, бидејќи трговците беа загрижени поради слабата побарувачка во најголемите светски економии.
На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела падна за 4,1 отсто, на 81,43 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот падна за 4,2 отсто, на 77,17 долари.

Падот на цените трета недела по ред е последица на загриженоста на трговците за знаците за слабеење на побарувачката во САД и Кина, најголемите светски потрошувачи на „црното злато“.

Залихите во САД се зголемија пред една недела за речиси 13 милиони барели, а американската влада соопшти дека, според новите проценки, очекува пад на потрошувачката оваа година за 300.000 барели дневно, додека до неодамна очекуваше зголемување од 100.000 барели. .

Од друга страна, увозот на нафта во Кина силно порасна во октомври. Сепак, трговците ги загрижи веста дека рафинериите во најголемиот светски купувач на сурова нафта побарале од најголемиот светски извозник Саудиска Арабија помалку нафта за декември.

„Стравот од нарушување на производството на Блискиот Исток поради конфликтот меѓу Израел и Хамас отстапи место на загриженоста за побарувачката“, пишуваат аналитичарите на Commerzbank во својот преглед на состојбата на пазарот.

Трговците се загрижени и за забавувањето на растот на најголемите западни економии, со оглед на тоа што централните банки се обидуваат да ја потиснат инфлацијата со зголемени каматни стапки.