Цените на нафтата пораснаа

69

Цените на нафтата, пак, пораснаа откако минатата недела паднаа втора недела по ред, за повеќе од 4 отсто.

Утрово на лондонскиот пазар цената на барелот скокна за 3,04 отсто, на 111,20 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 2,95 отсто на 107,80 долари.

Инаку, на светските берзи цените на нафтата паднаа минатата недела, втора по ред, за повеќе од 4 отсто, бидејќи се намалија стравувањата на трговците од прекини во испораките на нафта од Русија поради војната во Украина и западните санкции против Москва.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела падна за 4,2 отсто на 107,93 долари, додека на американскиот пазар барелот падна за 4,25 отсто на 104,70 долари.

Во последните две недели цените паднаа за речиси 10 отсто, губејќи дел од добивките од почетокот на војната во Украина. Во првата недела од нападот на Русија врз земјата, цената на барелот скокна за околу 20 отсто.

Во време кога пазарите беа опфатени од стравувањата од нарушувања на рускиот извоз поради санкциите на Западот, цената на барелот на лондонскиот пазар достигна 139 долари во еден момент и 130 долари во САД, што е нивно највисоко ниво од 2008 година.

Во последните две недели цените нагло паднаа, но пазарите сè уште се неизвесни, па значително флуктуираат. Така, минатата недела тие се движеа во многу широк опсег од 16 долари. Еден ден паѓаа под 100 долари, а следниот нагло скокнуваа над тоа ниво.