Цените на нафтата пораснаа

38

Цените на нафтата се искачија над 85 долари на меѓународните пазари, бидејќи стравувањата од агресивно зголемување на каматните стапки во САД се намалија, а неделните извештаи покажаа пад на залихите, што сигнализираше посилна побарувачка.

На лондонскиот пазар цената на барелот изнесува 85,17 долари. На американскиот пазар барелот се тргуваше по цена од 78,51 долари.

Пазарите вчера се фокусираа на говорот на претседателот на американската централна банка Џером Пауел, во чии пораки, заклучија трговците, беше истакната помалку строга монетарна политика од очекуваното.

„Се чини дека трговците беа малку поодбранбени бидејќи очекуваа построг тон (во монетарната политика), но Пауел се воздржа“, рече Крег Ерлам од OANDA.

Пазарот се надева дека помалку агресивното зголемување на каматните стапки би можело да ја поштеди американската економија од нагло забавување или дури и пад на активноста, што би ја погодило побарувачката на нафта.

Кина на работ на силно закрепнување на потрошувачката
Кина, од друга страна, е на прагот на силно закрепнување на потрошувачката по укинувањето на строгите мерки за сузбивање на Ковид-19.

Глобалната понуда ќе расте само скромно, а побарувачката веројатно ќе скокне, што значи дека овие два клучни пазарни фактори ќе се спојат во наредните месеци, објаснува Стивен Бренок од PVM.

Фото: Facebook