
Цените на нафтата пораснаа на меѓународните пазари во петокот, но остануваат на пат за нов месечен пад, откако разочарувачките економски податоци во САД и неизвесноста околу натамошното зголемување на каматните стапки влијаеа на изгледите за побарувачката.
Цената на барелот на лондонскиот пазар според договорите за испораки во јуни во однос на претходното затворање во утринската трговија порасна за 42 центи, на 78,79 долари, додека за испораките во јули, со кои се тргуваше поактивно, остана непроменета. Цената на тој пазар е на пат кон четврти месечен пад по ред.
Цените во Лондон закрепнаа од загубите во раните утрински часови, откако податоците покажаа дека економијата на еврозоната се врати на раст во првиот квартал, иако скромно и побавно од очекуваното.
На американскиот пазар барелот поевтини за 15 центи, на 74,61 долар и е на пат кон шести месечен пад по ред.
Податоците објавени во четвртокот покажаа дека економскиот раст на САД забави повеќе од очекуваното во првиот квартал.
Инвеститорите се загрижени дека потенцијалните зголемувања на каматните стапки на централната банка во борбата против инфлацијата би можеле да го забават економскиот раст и да ја намалат побарувачката за енергија во САД, Велика Британија и Европската унија. Следниот состанок на американската централна банка, ФЕД, ќе се одржи од 2 до 3 мај.
На страната на понудата, рускиот вицепремиер Александар Новак во четвртокот рече дека групата производители на ОПЕК + не гледа потреба од натамошно намалување на производството, и покрај помалата кинеска побарувачка од очекуваната.
Утрово Брент се тргува по цена од 80.33 долари за барел, а ВТИ за 76,78 долари за барел.











