Цените на нафтата пораснаа втора недела по ред, повеќе од 3%

25

Светските цени на нафтата пораснаа и минатата недела, и се движат околу највисокото ниво во последните повеќе од еден месец, бидејќи закрепнувањето на производството од ураганот во Мексиканскиот Залив е побавно од очекуваното.

Цената на барелот на лондонскиот пазар порасна за 3,3 проценти минатата недела, на 75,34 долари, близу највисокото ниво од крајот на јули, додека цената на барелот на американскиот пазар порасна за 3,2 проценти, на 71,87 долари, близу до највисоко ниво од почетокот на август.

Поскапувањето во голема мера се должи на бавното закрепнување на производството во Мексиканскиот Залив по ураганот Ида.

Околу 28 проценти од производството на нафта во САД во Заливот сè уште не е во функција, две и пол недели по ударот на ураганот.

“Закрепнувањето трае подолго од очекуваното и тоа беше фактор за поддршка на пазарот овие денови“, рече аналитичарот на Commmonwealth банката, Вивек Дар.

Цените беа поддржани и од прогнозата на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) дека вакцинацијата на граѓаните против Ковид-19 повторно треба да ја поддржи побарувачката за нафта, која беше намалена со пандемиските ограничувања.

ИЕА предвидува закрепнување на побарувачката на нафта во октомври и нејзин раст од 1,6 милиони барели дневно, што треба да продолжи до крајот на годината. Прогнозата за целата година беше намалена, за 105 илјади барели дневно, на 5,2 милиони барели дневно.