Цените на нафтата пораснаа втора недела по ред, расте кинеската побарувачка

44

На светските пазари, цените на нафтата пораснаа втора недела по ред, бидејќи трговците очекуваат зголемување на кинеската побарувачка, додека загриженоста за рецесија во западните економии замина на втор план.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела се зголеми за 2,8 отсто, на 87,63 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 1,8 отсто, на 81,30 долари.

И утрово цените се движат околу тоа ниво. Брент се тргува по цена од 87,44 долари за барел, а WTI за 81,50 долари за барел.

Порастот на цените втора недела по ред најмногу се должи на очекувањата дека по укинувањето на строгите мерки за ковид, растот на кинеската економија ќе забрза. А тоа ќе ја поттикне побарувачката на нафта, имајќи предвид дека Кина е најголемиот увозник на „црното злато“ во светот.

Се предвидува рекордна глобална побарувачка
Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) прогнозира дека, благодарение на Кина, глобалната побарувачка за нафта оваа година ќе достигне рекордни 101,7 милиони барели дневно, а Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) очекува кинеско закрепнување.

„Многу трговци веруваат дека ќе бидеме сведоци на посилна побарувачка од Кина бидејќи таа ги укинува мерките за коронавирусот од ден на ден“, рече Наем Аслам од Avatrade.

Цените на нафтата се поддржани од надежта дека американската централна банка нема да ги зголеми каматните стапки на толку високи нивоа како што очекуваат челниците на ФЕД.

Имено, повеќето челници на ФЕД деновиве велат дека ќе треба да се зголемат клучните каматни стапки над нивото од 5 проценти за да се потисне инфлацијата.