
На светските пазари, минатата недела цените на нафтата останаа речиси непроменети на неделно ниво, но во текот на неделата значително флуктуираа, во зависност од вестите кои можат да влијаат на понудата и побарувачката. На лондонскиот пазар цената на барелот на крајот на минатата недела изнесуваше 80,58 долари, речиси исто како и една недела претходно, додека на американскиот пазар цената на барелот се намали за 0,5 отсто, на 75,55 долари.
На пазарот владее неизвесност во пресрет на состанокот на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници за производната политика, што ќе се одржи на 30 ноември. Тој состанок требаше да се одржи на 26 ноември, но беше одложен за четири дена, што предизвика бран шпекулации за спор околу намалувањето на производството следната година.
Производителите сè уште дебатираат за снабдување, велат извори од ОПЕК +, сугерирајќи дека три африкански земји се во коренот на несогласувањето. Аналитичарите велат дека Ангола, Конго и Нигерија бараат повисоки производствени квоти во 2024 година од договорените на состанокот на групата во јуни.











