Цените на нафтата се зголемија за два отсто поради загриженоста за испораките од Русија

109

Цените на нафтата во петокот пораснаа на меѓународните пазари за два отсто, главно поради загриженоста за испораките од Русија.

Цената на барелот на лондонскиот пазар се зголеми за 1,40 долари во однос на претходното затворање, на 82,38 долари. На американскиот пазар со барел се тргуваше по 1,49 долари, од 78,98 долари.

Цените на двата пазари се во нагорна патека втора последователна недела.

Русија може да го намали производството на нафта за пет до седум отсто на почетокот на 2023 година, како одговор на ограничувањата на цените, изјави во петокот заменик-премиерот Александар Новак, цитирана од новинската агенција РИА.

„Цените на суровата нафта се зголемија бидејќи трговците со енергија се фокусираат на одговорот на Москва на ограничувањата на цената на руската нафта, не толку на илјадниците откажувања на летови што ќе го нарушат патувањето за одмор во САД“, рече Едвард Моја од ОАНДА.

Повеќе од 4.400 летови во САД беа откажани во текот на два дена поради зимската бура, што се совпадна со празничната сезона на патувања за која некои предвидуваа дека може да биде најпрометната досега.

Во четвртокот цените на нафтата од двете страни на Атлантикот паднаа поради откажувањето на летовите. Снежното невреме може да ги наруши и божиќните и новогодишните планови за патување на возачите, намалувајќи ја километражата со гас.

Но, побарувачката за мазут може да се зголеми, бидејќи се очекува екстремните временски услови да предизвикаат прекин на електричната енергија.

Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) денеска соопшти дека во четвртокот барел од нафтената кошничка на нејзините членки се зголеми за 1,78 долари, на 81,14 долари, во однос на претходниот ден.