Цените на нафтата се зголемија за повеќе од 25 отсто во третиот квартал

На светските берзи цените на нафтата пораснаа минатата недела и со тоа ги зголемија добивките во третиот квартал на повеќе од 25 отсто, што е последица на намалувањето на производството од страна на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините картелски сојузници.

На лондонскиот пазар цената на барелот минатата недела порасна за 2,2 отсто, на 95,30 долари, додека на американскиот пазар цената на барелот порасна за 1 отсто, на 90,97 долари.

Така, во целиот трет квартал цената на барелот на лондонскиот пазар порасна за 27 отсто, а на американскиот за 29 отсто.

Ова е резултат на неодамнешните одлуки на Саудиска Арабија и Русија за намалување на производството. Овие водечки светски извозници ќе ги намалат испораките до крајот на оваа година за вкупно 1,3 милиони барели дневно.

И преостанатите членки на ОПЕК и сојузниците на картелот се согласија да го намалат производството.

На овој начин тие земји се обидуваат да ги задржат зголемените цени на нафтата, со оглед на тоа што побарувачката слабее поради забавувањето на растот на најголемите светски економии.