Цените на нафтата се зголемија за повеќе од 5 отсто во првата недела од 2022 година

78

На светските берзи во првата недела од 2022 година цената на нафтата порасна за повеќе од 5 отсто поради немирите во Казахстан и пореметувањата во производството во Либија, па вестите за ширењето на омикрон беа во втор план.

Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела порасна за 5,2 отсто, на 81,75 долари, додека цената на барелот на американскиот пазар порасна за 5,1 отсто на 78,90 долари.

Откако минатата година пораснаа за повеќе од 50 отсто, цената на нафтата нагло порасна во првата недела од новата година како резултат на немирите во Казахстан.

Протестите започнаа во регионите богати со нафта во западен Казахстан, откако цените на горивата нагло пораснаа во земјата на почетокот на новата година. Аналитичарите проценуваат дека побарувачката за нафта оваа година ќе се врати на нивоата пред пандемијата на коронавирусот, на околу 100 милиони барели дневно.