Цените на нафтата скокнаа за повеќе од 8 отсто минатата недела

58

На светските пазари, цените на нафтата скокнаа за повеќе од 8 отсто минатата недела, бидејќи трговците очекуваат посилна кинеска побарувачка и бидејќи вредноста на доларот во однос на кошницата валути нагло падна. Цената на барелот на лондонскиот пазар минатата недела скокна за 8,6 отсто, на 85,28 долари, додека на американскиот пазар барелот порасна за 8,4 отсто, на 79,86 долари.

Утрово брент се тргува по цена од 84,63 долари за барел, а WTI по цена од 79,32 долари.

Така, цените на црното злато ги надоместија сите загуби од претходната недела. И додека стравувањата од забавување на растот на економиите на западните земји вршат притисок врз цените, тие се поддржани од вестите за зајакнување на побарувачката во Кина.

Сè повеќе Кинези патуваат по укинувањето на строгите пандемични ограничувања, па патниот сообраќај се опоравува. „Трговците ги следат показателите за мобилност во Кина и овие показатели растат, што го поддржува закрепнувањето на побарувачката, а со тоа и на цените на нафтата“, објаснува Џовани Стауново, аналитичар во банката УБС.

Цените беа поддржани и од остриот пад на вредноста на доларот во однос на кошницата со валути.