Цените на недвижностите во регионот скокнаа за повеќе од 30 отсто

Силен скок на цените на недвижностите не е присутен само во Загреб, туку и на пазарите во поголемите градови во соседните земји: Белград, Сараево, Бања Лука, Подгорица, пишува Јутарњи лист.

За една година цените на становите скокнаа за повеќе од 30 отсто, а по почетокот на војната во Украина и доаѓањето на голем број Руси и Украинци, цените на закупнината се удвоија, пишува загрепскиот весник.

Слично како и во Загреб, каде што цените на новите станбени метри за една година пораснале за 30 отсто на околу 2.500 евра, просечната цена на стан во Белград во првиот дел од годинава изнесувала 2.565 евра. Тоа е за 35 отсто повеќе од пред една година.

Белграѓани најмногу платија за квадра на Савски венец, каде просечната цена е над 4.000 евра и се искачува на повеќе од 6.000 , додека најевтина била Гроцка со просечни 1.092 евра за метар квадратен.

Во Загреб становите на некои нови локации во центарот на градот се продаваа за 8.000 евра за метар квадратен, додека во една од поновите загрепски населби Врбани 3, цената е 5.000 евра за метар квадратен.

Речиси секаде побарувачката за нови станови е поголема од понудата. Во Загреб, на пример, годишно се продаваат околу 10.000 станови, од кои околу 2.500 се нови.

Становите се купуваат и за изнајмување бидејќи цените на подзакупот вртоглаво пораснаа по доаѓањето на голем број Руси и Украинци.

Според податоците на црногорскиот МУП, во Црна Гора привремено или постојано престојуваат околу 13.500 руски државјани и околу 11.100 Украинци.

Граѓаните на Црна Гора едвај можат да ја платат зголемената кирија бидејќи закупите станаа превисоки во однос на платите таму, пренесува SEEbiz.