Цените на пченицата пораснаа за 7,7 отсто

90

Цените на пченицата пораснаа во понеделникот откако Русија се повлече од договорот за извоз на жито од Украина преку Црното Море. Ова ја поттикна загриженоста за недостигот на снабдување и доведе до пораст на глобалната инфлација на цените на храната.

Фјучерсите на пченицата на берзата во Чикаго во понеделникот пораснаа за 7,7 отсто. Цената на пченката поскапе за 2,8 отсто, а на маслото од соја за три отсто. Акциите на австралиската прехранбена компанија GrainCorp пораснаа за 7,9 отсто, пишува Financial Review. Претходниот рекорден дневен пораст на цената на житото од 13,63 отсто беше забележан во март.

Договорот, кој беше потпишан во јули со поддршка на Обединетите нации и Турција, а требаше да важи до 19 ноември, стави крај на петмесечната блокада на украинските пристаништа. Ова овозможи безбеден транспорт на жито и маслодајни семиња, два од клучните извозни производи на Украина.

Коридорот за извоз на жито ги намали тензиите на глобалната понуда со цените на пченицата далеку под рекордните нивоа претходно оваа година. Сепак, Украина ја намали својата зависност од Црното Море како извозна рута, подобрувајќи ја железничката, патната и речната инфраструктура, а се проценува дека околу половина од стоките се транспортираат преку овие рути.

Украинското Министерство за инфраструктура во неделата соопшти дека 218 бродови биле „ефикасно блокирани“ со одлуката на Москва да го прекине своето учество во договорот за извоз на жито, пренесува Ројтерс. Учесниците на пазарот гледаат дали може да се спаси договорот за коридор додека ОН продолжуваат со своите преговарачки напори.