Централната банка на Русија ги намали каматните стапки за да ја поддржи економијата на земјата

65

Централната банка на Русија денеска неочекувано ги намали клучните каматни стапки за да ја поддржи економијата потресена од западните санкции поради руската инвазија на Украина.

Бордот на директори на централната банка на вонредна седница ги намали клучните каматни стапки од 20 на 17 отсто.

Во февруари, централната банка ги зголеми клучните каматни стапки од 9,5 на 20 отсто за да ја поддржи финансиската стабилност и да спречи неконтролирано зголемување на инфлацијата.

Денешната одлука беше образложена со промена на билансот на ризици, сигнализирајќи дека падот на економската активност ги надмина ризиците за финансиската стабилност и забрзаниот раст на цените.

Надворешните услови за економијата сè уште се предизвикувачки и значително ја ограничуваат економската активност“, се вели во соопштението.

„Иако инфлацијата, според расположливите показатели, ќе продолжи да зајакнува поради ефектот на споредбената основа, најновите неделни податоци укажуваат на значително забавување на растот на цените“, се додава. Од централната банка велат и дека во следните седници би можеле дополнително да ги намалат каматите.

Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) привремено проценува дека руската економија ќе падне за 10 отсто оваа година поради тешките последици од санкциите воведени кон Русија поради инвазијата на Украина.

По објавувањето на одлуката, рубљата само малку ослабна во однос на доларот и се лизна на 75,80 рубљи за долар. Во однос на еврото, руската валута поскапе за 0,6 отсто, а заедничката европска валута се тргуваше за 80 евра.