Централната банка на Русија ги ублажува ограничувањата за трансфери на девизи во странство

65

Централната банка на Русија во петокот објави дека ги олеснува ограничувањата за трансфер на странски средства на физички лица за период од шест месеци.

Банката вели дека мерките го зголемуваат лимитот на средствата што можат да се префрлат во странство, но не се однесуваат на резиденти и нерезиденти на земјите кои воведоа санкции кон Русија поради Украина, пренесе Ројтерс.

„Во рок од еден календарски месец, поединците имаат право да префрлат не повеќе од 10 илјади американски долари или нивна противвредност во друга валута од Руската Федерација од нивната сметка во руска банка на својата сметка или на друго лице во странство“, се вели во соопштението од банката.

Трансферите во странство од банкарски сметки на нерезиденти, физички или правни лица, од земји кои воведоа санкции се суспендирани во следните шест месеци.

Мерката ќе ги намали тензиите кај Русите кои редовно испраќаат пари на роднините во странство или оние кои ја напуштиле земјата без пристап до нивните пари дома.

На почетокот на овој месец, централната банка соопшти дека привремено ги суспендира трансферите од странски правни и физички лица од повеќе земји на сметки во странство. Институцијата, исто така, ги ограничи трансферите на еквивалент на не повеќе од 5.000 американски долари месечно.

Западните санкции наметнати на Русија за, како што ја нарекува Москва „специјална воена операција“ во Украина, ја ограничија способноста на централната банка да ја чува рубљата во долари и евра складирани во нејзините девизни и златни резерви.